Конфликти: настанување и разрешување

„Дијалогот е најефективен начин да се реши конфликт“ - Тензин Гјатсо, 14ти Далаи Лама

Секој човек во својот живот се има соочено со конфликт. И тоа е нормално поради конфликт на интереси, но што е поважно - справување со конфликтите. Во овој текст акцент е ставен на справување со конфликтите овозможувајќи едукација за да разбериме подлабоко како се одвиваат конфликти и од таму како најлесно се разрешуваат. Иако конфликтот е постоење на конфликт на интереси, паралелно мора да постои и конфликтно однесување меѓу страните во конфликтот. Општа е тенденцијта на конфликтот да се гледа како на нешто што задолжително претставува закана за добрите меѓучовечки односи. Тоа е така затоа што справувањето со конфликтот најчесто има грешен пристап или пак се пристапува со страв ради претходно непријатно искуство. Во овој текст ќе се зборува за причините поради кои настанува конфликт и видови на конфликт, но и како ефективно да се разреши без предизвикување негативни чувства преку акцентирање важност на комуникација.

Конфликтна ситуација: причини

Конфликт постои кога активностите кои ги презема едната страна за да ги оствари своите барања, ја попречуваат другата страна да ги оствари своите барања. 

Фактори кои поттикнуваат конфликти се:
  • Перцепирање - за да можеме да увидиме дали со некој имаме исто или различно гледиште мора да постои одредена перцепција врз ситуацијата. Што е реалноста, а што е тоа кое ни е во суштина нашата реалност и ничија друга. Перцепирањето како фактор кој поттикнува конфликт настанува така што постои несовпаѓање на вистинската реалност, но и перцепцијата на истата од двете страни. Односно, самата перцепција е многу субјективна, а не објективна. Како и да е, ваквата субјективност само натамошно ја прави конфликната ситуација посложена поради својата селективност врз реалноста.
  • Стереотипи - се карактеристики кои еден човек ги препишува на друг зависно од тоа на која група припаѓа. Ваквите карактеристики често не се точни и доаѓа до конфликт затоа што се препишуваат чувства и ставови на соговорникот, односно се суди без да се знае целата приказна и вистина. Стереотипите обично имаат поделба според пол, возраст, етникум, раса, религија и слично. Откако ќе се определи групата, се препишуваат карактеристики кои се „точни“ за таа група и за соговорникот. Поради ова постои поделба на „вие“ и „ние“ кои натамошно не оддалечуваат и од себе, но и од близок светоглед, а со тоа се оддалечуваме од решението за конфликтот. 
  • Минато искуство - претходни лоши искуства со конфликтни ситуации ни сугерира дека секоја следна ситуација ќе биде таква, што е грешен пристап. Самата мисла дека нема шанси конфликтот да се разреши придонесува едниот од учесниците во конфлитот да е ригиден и да одбива да соработува. Исто така е важно минатото искуство меѓу учесниците во конфликтот. Отежителна ситуација е самиот факт дека и двете страни се способни да се сетат на негативните претходни искуства, но не и на позитивните. 
Иако ова се фактори кои поттикнуваат конфликт, самите причини може да бидат многу различни. Секоја ситуација е потенцијална конфликтна ситуација. Како и да е, сите причини за конфликти може да бидат поделени на три нивоа: 
  • Конфликти поради ограничени ресурси - е ситуација во која двете страни сакаат едно исто нешто, но нема доволно за двете. Ваквите ресурси се идентификуваат уште на почеток на конфликтот и се главна причина поради која настанува конфликтна ситуација.
  • Конфликти поради незадоволени базични потреби - кои можат да се поделат на психолошки ( потреби за независност, сигурност, почитување, постигнување) и биолошки ( потреба за воздух, вода, храна, живеалиште, здравје, одмор, рекреација). Базичните потреби ни овозможуваат сигурност, а доколку оваа сигурност е загрозена доаѓа до фрустрација, и доколку оваа сигурност е загрозена од страна на друг поединец доаѓа до конфликтна ситуација.
  • Конфликти поради различни вредности - е можеби и еден од најчестите видови на конфликти чија база е целосно субјективна. Ваквиот вид конфликти се заснова на личните вредности и верувања на учесниците и неприфаќањето и конфликтот се оправдува со зборови како: „не е исправно“, „вака е точно“, „ова не е оправдливо“ и слично.

Конфликтна ситуација: реакции

Како реагираме на ситуацијата е доста клучно за нејзино брзо разрешување или пак понатамошно продлабочување. Категории на можни реакции за решавање на проблемот се три: избегнување, спротиставување и комуницирање. Секоја категорија има свои предности и недостатоци, но како најуспешна се смета комуникацијата.

Избегнување е карактеристично за луѓе кои не можат да се соочат со проблемот и конфликтната ситуација и сакаат да се оддалечат од истата по секоја цена. Конфликтот на овој начин не можи да се реши затоа што ваквата индивидуа одбива дека проблем воопшто постои. Оваа страна од конфликтот најчесто „губи“ поради неможноста да се соочи со себе, со проблемот и со противникот. Сепак, постојат и позитивни страни. Доколку има потреба да се „смират страстите“ повремено, но не трајно избегнување може да биде корисно затоа што овозможува во иднина да се пристапи на проблемот трезвено.
Типични реакции:
  • дозволува да биде прекинуван и запоставуван
  • скоро и да не го гледа соговорникот во очи
  • има покорен став и поразително држење
  • своите мисли и чувства ги задржува само за себе
  • не покажува интерес да сослуша
  • нерешителна
  • неопределена
  • се извинува
  • одбегнува и напушта
Спротиставување се карактеризира со „држење“ за своето по секоја цена, а со тоа се укажува на доминантност и агресија. Не се сослушува противникот туку се обидува да се наметни своето по секоја цена. Ако индивиуата која избегнува постојано се брани, контрасно на тоа индивидуата која се спротиставува, постојано напаѓа. Оваа реакција носи „победа“ само за агресорот или можи слободно да се речи дека го „измалтретира противникот да се откажи“. 
Типични реакции:
  • го прекинува и запоставува противникот
  • интензивно гледа во очи
  • арогантно движење
  • тело спремно за борба
  • крие што навистина мисли и како се чувстува
  • не слуша за да разбере
  • настојува да доминира
  • гласна
  • саркастична
  • навредува
  • обвинува
Комуницирање не ги става страните кои се во конфликт во непријатна ситуација, напротив овозможува да се увиди туѓото гледиште, отвора и можност за кооперација и компормис. На овој начин се прифаќаат конфликтите како дел од секојдневието и се стремат двете страни да стигнат до решение кое ќе биде во корист на сите. На конфликтите се гледа како на нешто кое не е лошо, за разлика од претходните два пристапи.
Типични реакции:
  • директно ги искажува своите чувства, потреби и барања
  • нормално го гледа противникот во очи
  • исправен став
  • соодведно држење
  • подготвеност да открие што навистина мисли и како се чувстува
  • активно слуша
  • јасно се произнесува
  • приоѓа вешто
  • покажува почитување и разбирање
Одредени реакции кои ја отежнуваат комуникацијата и ги нагласуваат негативните ефекти се нарекуваат бариери во комуникација и придонесуваат за продлабочување на конфликтот. Дел од тие реакции вклучуваат: критикување, навредување, давање дијагноза, пресметливо фалење, издавање наредби, закажување, морализирање, испрашување, советување, менување тема, докажување и успокојување.

Важноста на комуникацијата

Комуникацијата ни овозможува да се урни препреката меѓу нас и да можиме да комуницираме отворено. Но, овозможува отворено да кажиме што мислиме, но и што мисли соговорникот. Во момент кога нема отворена комуникација си дозволуваме да претпоставиме што мисли соговорникот и што чувстува. Ова е поразително затоа што доста често ваквите претпоставки се грешни, но за нас се точни и ние градиме став према слика од личноста која сме ја створиле ние, а не реалната личност. Мисловни дупки се искривени перцепции на реалноста базирани на лични, субјективни чувства предводени од фантазија.

Важноста на активното слушање

Активното слушање е алатка на комуницирањето што подразбира не само да зборуваме и да бидеме отворени ние самите туку и да го слушаме внимателно соговорникот, без да го прекинуваме. Потткинува не само да слушаме, туку и да разбериме што сака да кажи соговорникот. Активното слушање вклучува давање повратна информација за слушнатото и разјаснување на кажаното. 

Алатката на активното слушање е парафразирањето со кое на соговорникот даваме повратна информација за тоа што ни зборува за да можи да увиди дали точно сме го разбрале и дали перцепцијата на ситуацијата е иста. Кога се парафразира се резимира проблемот како што го гледа соговорникот. Ова не значи повторување од збор до збор, туку се повторува суштината со свои зборови. 

Друга алатка на активното слушање е поставуањето на отворени прашања со што нејасните работи ги прашуваме и разјаснуваме. Ова ни овозможува вистински да ја разбереме суштината на ситуацијата без создавање грешна слика за реалноста со пополнување дупки за работи кои не ни се познати или пак целосно не ги разбираме. Отворените прашања обезбедуваат дополнителни информации со цел да се разјасни она што соговорникот сака да го каже. Контрасно на ова, затворените прашања наведуваат да се даде определен одговор, или принудуваат да се одговори со да или не, или пак бараат факти опишани со еден збор и слично.

Заклучок

Клучно е да прифатиме дека конфликтите и конфликтните ситуации се дел од нашето секојдневие и од таму директно карактеризирање како лоши може негативно да влијае поради што ќе се оди со осуда дека проблемот не можи да се реши. Најефективен начин за разрешување на конфликти е комуникацијата која ни овозможува обработка, разбирање и можност за изнесување на лични ставови и чувства. Во исто време комуникацијата не држи блиску еден до друг спојувајќи ги двете субјективни реалности. Најважна алатка на комуникацијата е активното слушање кое не обврзува да го слушнеме соговорникот, но и да го разбереме. 

Белешка: За преглед на објавени и идни наслови притисни тука

Референци ( и дознај повеќе): 

„Разрешување на конфликти“ - Виолета Петроска- Бешка ( Фиолозфски факултет, 2014)

Comments

Popular posts from this blog

Креативно мислење кај децата и надареност

Ментално здравје на деца: препознавање на знаци и заштита