Недостаток на критичко размислување во модерното општество и PC културата

„Политичката коректност убива дискусија“

Критичкото мислење ни е најзаначaјно и ни овозможува анализа на ситуацијата и носење објективен заклучок и одлука. Секој да ги има нашите идеали и светоглед навидум е најдобар пат за иднината, но како би изгледал свет во кој сите мислиме исто? Дали едноумието и прифаќањето нешто слепо за да не сме отфрлени од општеството е иднината која ја сакаме? Дали веќе сме во зачетоци на таква иднина и дали ни одговара? Во овој текст ќе се зборува за важноста на критичкото мислење како алатка за интелектуален развој, како и за важноста на дискусијата која ни овозможува да го видиме светот со туѓи очи, зголемувајќи ја емпатијата и знаењето.

„Партијата ти рече да ги негираш доказите на твоите очи и уши. Тоа беше нивната последна, најважна команда“ - 1984, Џорџ Орвел

Важноста на критичкото мислење

Критичкото мислење е способноста да се мисли чисто и рационално, разбирајќи ги логичките поврзувања меѓу идеите. Исто така подразбира можноста да се обавува рефлективно и независно мислење. Овој тип на мислење не ни дозволува да бидеме пасивни примачни на инфомрации туку не охрабрува да ја разбереме суштината на проблемот. Критичкото размислување ни овозможува да се запрашуваме за точноста на информациите и не слепо прифаќање на истите. Луѓето кои размислуваат критички секогаш сакаат да увидат дали идеите и претпоставките се точни и дали можи да се користат како репрезентација на целата слика. Исто така се отворени и да признаат дека не се во право.

Некој кој размислува критички е способен да: 
  • сфати поврзаноста меѓу идеите
  • сфати важноста на аргументите и идеите
  • препознава, гради и користи аргументи
  • идентификува неконзистентност
  • пристапува на проблемите на системски начин
Што е потребно за критичко размислување:
  • размислување објективно
  • идентификување на различни аргументи кои се во релација на одреден проблем
  • да препознаваме слаби точки или негативни аргументи и докази
  • соодветна поддршка на аргументот кој сакаме да го правиме
Откако увидовме што е критичко мислење и како се применува, може да се зборува за тоа зошто и колку е важно. Кога се вели да се разбери материјалот, се мисли применување критичко мислење и од тука:
  1. Критичкото мислење е универзално - без разлика која е вашата идна професија, ваквиот начин на учење и разбирање е постојано релевантен. Критичкото мислење не е ограничено во одредена професија или област. 
  2. Неопходно за економијата - нашата иднина зависи од технологија, информациите и иновациите. Критичкото мислење е важно за брзиот развој на економијата, затоа што дава можност за брзо и ефективно решавање на проблеми.
  3. Подобрува јазик и способност за презентација - за да можиме добро да се изразиме мора да сме способни да мислиме чисто и системски.
  4. Промовира креативност - со размислување на овој начин, ние си дозволуваме ефективно решавање на проблеми, но и способност за добивање нови и креативни идеи.
  5. Важно за себе- рефлексија - оваа е неопходна алатка за да можиме да се анализираме себеси и од таму да знаеме на која наша карактеристика треба да поработиме.
  6. Основа за наука и демократија - теориите мора да бидат поткрепени со знаење и факти. За да можи едно општество добро да функционира, луѓето мора да се способни да имаат став за што е добро, а што не.
Имајќи одредена важност значи и да се има одредени бенефити:
  1. Овозможува љубопитност
  2. Нагласува креативност
  3. Постои способност за решавање на проблеми
  4. Клуч за кариерен успех
  5. Овозможува дискусија
  6. Подобро носење на одлуки
  7. Можност за формирање на добро информирани ставови
  8. Подобрува врски
Како и да е, една од најважните придобивки од критичкото мислење е можноста за дискусија. Без критичкото мислење нема издржани аргументи. Без издржани аргументи нема дискусија. Без дискусија нема размена на информации и светоглед. Но, подетално за важноста на дискусијата во наредната точка.

Култура на политичка коректност

Политичка коректност е термин кој се користи за да се опиши јазик, полиси или мерки кои се насочени да се избегни навреда на луѓе кои припаѓаат на одредени групи во општеството кое се дискриминирани на било кој начин. На хартија, овој термин е „идеалната“ иднина кон кој би се стремеле. Сепак, дали политичката коректност замина предалеку или само ни треба потсетник што точно е? 

„Ако слободата значи нешто, тогаш би била правото да кажуваме на луѓето тоа што не сакаат да го слушнат“ - Џорџ Орвел

Преку социјален притисок, политичката коректност става притисок врз граѓаните да се потчинат. Контроверзните идеи и теми се замолчени и се сметаат политички не коректни. Самите медиуми се чувари на тоа кој говор е прифатлив, а кој не. На овој начин се креира општество кое зависи од социјалните норми, општество каде владее едноумие и каде граѓаните мораат да „одат на јајца“, плашејќи се дека ќе бидат осудени или отфрлени од општеството, односно моменталниот тренд - cancelled, за кој ќе се зборува подетално на крајот на месецот ( под секцијата „социјални норми“). Место ваквиот систем да формира хармонија, тој предизвикува страв и отпор. Спротиставени страни се штитат под чадорот на политичката коректност за да ги оправдаат своите екстреми. Едните за да ги замолчат тие со кои не се согласуваат, а другите за да ги оправдаат своите погледи. Во секој случај на овој начин се предизвикува „војна“ меѓу две спротиставени страни кои стануваат по екстремни во своите погледи затоа што не сакаат да практикуваат дискусија и да се обидат да го увидат гледиштето на спротивната страна. Без можност за дискусија и разговор се продлабочуваме повеќе во сопственото безбедно меурче и никогаш не се обидуваме објективно и критички да се пристапи на проблемот. И од тука доаѓа и цитатот кој го „отвори“ овој тексет, односно, „политичката коректност ја убива дискусијата“.

Контрастно на ова, мора да се има јасна граница меѓу слобода на говор како способност за изразување идеа, и говор кој е навредлив и можи да предизвика штета. Ненамерни грешки се случуваат, но има граница која не треба да се премини. Имаме едно нешто кое можеме да го дадеме на луѓето околу нас, а тоа е почит. Доволна почит да не сакаме да ги повредиме на било кој начин. 

Една од главните негативни страни на политичката коректност е тоа што луѓето место да се соочат со проблеми и контроверзни теми, тие бегаат формирајќи „безбедна зона“ без стресорот. Светот не е „безбедно место/ зона“ и не можиме да игнорираме проблеми и контроверзни теми постојано. Одложен проблем не е решен проблем. Постојано повлекување креира хиперсензитивни индивидуи кои во онлајн светот се познати како „снегулки“ кои живеат исклучиво околу истомисленици кои не им се спротиставуваат на гледиштата. Како резултат на ова постои друга група на луѓе како „контра“ одговор и/ли реакција кои навредуваат само затоа што сметаат дека мораат и затоа што мислат дека „можат“. Ова се двата краеви на спектрумот.

Како и да е, политичката коректност во вистинска смисла на зборот не е за навредување поради мали микро- агресии, туку е за да се сфати и прифати дека на маргилизираните групи не им е потребен нахнаден отпор и дека само сакаат да си го живеат животот без ризик по истиот.

Нешто кое беше споменато, хиперсензитивни реакции овозможуваат луѓе со сериозни криминалитети да поминат полесно само поради претходни бурни реакции за микро- навреда. Пошироката маса не секогаш ќе биде сигурна за „сериозноста“. Доколку применета точно, политичката коректност не форсира да размислиме за начинот на изразување и како би влијаел на луѓето. Мора да се разграничат луѓето со микро- навреди кои најчесто се ненамерни грешки, од луѓето во кои се длабоко вкоренети опасни идеологии и кои ги користат за да нанесат штета. 

Важност на дискусија

Ако некој аргументирано не не соочи со сопствен став, никогаш не би биле сигурни дали бевме во право или не. Менувањето ставови не е лошо и не е нешто кое треба да се избегнува, напротив, секогаш треба да се стремиме да бидиме подобра верзија од себе. Со дискусија имаме можноста да:
  • Увидиме дали грешиме со самите аргументи од другата страна, но и од својата. Не би имале потреба да користиме аргументи кои се издржани ако разговорите се секогаш со истомисленици.
  • Колку повеќе живееме само со еден став во околина која владее едномислие, шансите се дека таквиот став само ќе се зацврстува, а со тоа зголемена ригидност во ставови и неможност за издржана дискусија.

Заклучок

Клучот на дискусијата и споделувањето на ставовите е во рамнотежата. Кога сме спремни со ладна глава да дискутираме, да аргументираме и сослушаме туѓо мислење, храниме критичко мислење и слобода на говор во вистинска смисла на зборот. А, со тоа добиваме соживот и сме способни да вклучиме компромис и да не сме толку ригидни во нашиот светоглед. Политичката коректност во својата најприродна форма ни овозможува да бидеме отворени кон светот и различните ставови, притоа не учи како да пристапиме на луѓето околу нас на начин кој е полн со почит. И нели, сите од мали сме учени дека се што е претерано не е добро, па така и ова. Накратко, политичката коректност е неопходна да сме способни да сфатиме зошто тоа што го правиме или велиме ја повредува другата страна и следователно на тоа - да се промениме на подобро. 

Белешка: За преглед на објавени и идни наслови притисни тука


Референци ( и дознај повеќе): 

Comments

Popular posts from this blog

Конфликти: настанување и разрешување

Креативно мислење кај децата и надареност

Ментално здравје на деца: препознавање на знаци и заштита