Психологија на толпата: недостаток на размислување и носење на брзи одлуки

„Несвесното делување на толпата, кое го заменува свесното делување на поединецот, е една од главните карактеристики на денешницата“ - Гистав Ле Бон

Во овој текст ќе се зборува за начин на мислење и носење одлуки на толпа према книгата на Гистав Ле Бон „Психологија на толпата“ објавена 1895 година. Во оваа книга Ле Бoн смета дека има неколку карактеристики на психологија зад толпа и тоа: импулсивност, иритабилност, неможност за разбирање, отсуство на критичко мислење, пренагласување на чувства и слично.

Мнозинството не е способно многу да мудрува, но многу е ревносно на акција“ - Гистав Ле Бон

Општи карактеристики

Една од главните карактеристики на толпата е дека функционираат како „едно“ односно се намалува поединечниот интелект на сметка на групната реакција. Ова секогаш се изедначува со нивната несвесност. Исчезнува употребата на здрав разум кој е надвладеан од слабиот разум. Интелигенцијата ја губи својата сила и се става акцент на чувствата кои преволадуваат. Што е доста важно за толпата е дека припаѓаат на иста група и поседуваат иста душа и покрај фактот дека поединците кои ја сочинуваат воопшто не се компатибилни. Преку оваа заедничка душа тие чувстуваат, мислат и работат на начин кој е потполно различен од оној, според кој, секој од нив би мислел, чувствувал и работел многу поразлично кога би го правел одделно. Психолошка толпа е од привремен карактер, составена од хетерогени елементи.

Во колективната душа исчезнуваат интелектуалните способности на поединецот, а со тоа и неговата индивидуалност“ - Гистав Ле Бон

Со овој нов поглед можеме да разбереме зошто некои однесувања на толпта се доста вообичаени, зошто одредени идеи се прифаќаат и повторуваат без подлабоко да се увидат. Хетерогеноста се дави во хомогеноста и несвесните карактеристики преволадуваат. Како што е кажано претходно, со самото намалување на размислување, се зголемува степенот на чувства и од таму доаѓа и несопирливата моќ на индивидуата да се предаде на нагонот и да се прелие со толпата. Авторот нуди три причини зошто е ова вака и зошто хетерогеноста се дави во хомогеноста. 
  1. Поединецот во толпата се оддава на нагоните кои ако би бил сам ќе можел да ги спречи.
  2. Постоење на зараза која не тера да ставаме доброто на групата пред индивидуалното добро.
  3. Толпата има карактеристики кои не одговараат со карактеристиките на поединецот.
Едни од главните карактеристики на толпата би биле нејзините чувства и моралност. Разграничивме дека човекот во толпата не е ист како што тој е како поединец и тоа е така затоа што место да преволадува разум, преовладуваат чувства. Од тука, чувства кои преовладуваат се:
  • импулсивност, подвижност и раздразливост на толпата
  • сугестивност и лекомисленост
  • претерувањето и едностраност на чувства
  • нетолерантност, авторитаризам и конзерватизам
  • моралност на толпа
  • морализиаторска улога на толпа

Идеи, размислувања и вообразеност на толпа

Идеи на тола се делат во две групи. Во првата се споредните и минливите идеи кои се создаваат под моментални влијанија додека под вторите се основните идеи, наследноста и општите мислења кои даваат стабилност.

Основните идеи може да се споредат како водената маса на една река, која бавно тече низ своето корито, а минливите идеи се како мали бранови кои се издиграат на површината и кои не се од некое автентично значење, туку се забележува од самиот тек на реката“ - Гистав Ле Бон

Од социјална гледна точка, хиерархиската вредност на некоја идеја нема значење. Тука идејата се променува. Кога ќе се промени до момент кога веќе не можи да се претвора во чувство. Со тоа што е чувство владее со несвесното. На идеите им треба многу време да се втемелат во душата на толпата, но не им треба ништо помалку да излезат од неа.

Размислувањето на толпата не е отворено кон надворешни влијание и функционира во склоп на сопствените чувства. Сепак, не можи да се кажи дека толпата не размислува туку само дека нивото на размислување е поинакво и се одвива од различен аспект. 

Здруженоста на различни нешта што отсликуваат привиден однос и непосредна генерализација на специфични случаеви, се основните карактеристики на размислувањето на толпата“ - Гистав Ле Бон

Причината зошто се смета дека толпата не размислува е затоа што не постои серија на логички размислувања. Но, кога ќе ги видиме говорите напишани за да се насочи толпата ќе видиме дека целта не е дискусија, туку придобивањето на толпата без да одат во детали за филозофијата зад собирот. 

Вообразеност на толпата - тие размислуваат во слики, а тие слики се редат без никаква поврзаност. На толпата особено влијае чудесната страна на работите. Претходно зборувавме за дупки во размислување и нивно пополнување со фантазија ( текст: теории на заговор). Од тука, погрешната фантазија е многу моќна. Авторот ги споредува толпите со човек кој спие, но чиј дух е разбуден.

Бидејќи толпите можат да мислат единствено преку слики, потребно е сликата да носи некоја импресија која ќе ја разбуди кај нив, преку која таа ќе завладее со нив и ќе го придвижи за преземање на акција“ - Гистав Ле Бон

Пополнувањето на дупки со фантазија само прави да добиеме субјективна реалност, а не и да сме способни да ја увидиме објективноста.

Различни фактори на верување

Факторите на верување може да бидат далечни и непосредни.

Далечните фактори вклучуваат:
  • Племе кое презентира сугестии на предци.
  • Традиции толпата е чувар на традиционалните идеи.
  • Време помага верувањата да се зацврстат, а потоа да се рушат.
  • Политички и социјални закони се резултат, а не причина.
  • Настава и образование и неговата улога.
Непосредните фактори вклучуваат:
  • Слики, зборови и формули моќта на зборовите се поврзува со сликите кои ги будат и е неизвесна од нивната реална смисла.
  • Илузии толпите повеќе ги сакаат илузиите од реалноста.
  • Искуство единствено тоа може да ја зацврсти вистината во душата на толпата и на истиот начин да ги растури идеите кои станале опасни.
  • Разум на толпите може да влијае само преку нивните чувства.

Границите на менување на верувањето и мислењето на толпата

Како што можи да се претпостави, верувањата може да бидат постојани и движечки. Постојани верувања се тие кај кои постои непроменливоста на извесни општи верувања, и природно е тешко да се искоренат. Од друга страна пак движечките мислења на толпата се променливи и најважни за напредок на цивилизацијата. Можи јасно да се увидат елементите кои се релевантни за варијабилност и реалните граници на тие промени. 

Заклучок

За да знаеме како да се поставиме према толпата, мора прво да ја разбереме таа толпа. Во последните месеци сме сведоци на онлајн толпи како поблизок пример кој може да се набљудува. На толпите може да се влијае само преку нивните чувства, а тоа може да се увиди кај маси на луѓе обединети под чувство или идеја. Претходно се увиде дека толпите не размислуваат туку ги прифаќаат или ги одбиваат идеите во целина, во исто време не поднесуваат дискусии ни спротиставувања. Сугестиите кои влијаат на нив често им го засенуваат полето на разум. Од текстов можи да се заклучи дека, топли врз кои е извршена темелна сугестија, спремни се да се жртвуваат за идеалот за кој им е сугерирано. Мала појава на антипатија веднаш се претвора во омраза.

Белешка: За преглед на објавени и идни наслови притисни тука

Може да ве интересира:

„Психологија на толпата“ - Гистав Ле Бон 

Comments

Popular posts from this blog

Конфликти: настанување и разрешување

Креативно мислење кај децата и надареност

Ментално здравје на деца: препознавање на знаци и заштита