Дали алтернативната медицина е само додаток и ја надополнува медицината или опстојува самостојно?

„Најдобар лек од сите е да ги учиме луѓето да не им треба“

Кога би погледнале кон минатото, долго пред постењето на медицината онаква каква што ја знаеме, луѓето користеле традиционална, често хербална медицина и многу често „магична“. Денес, се што не е во модерната медицина се карактеризира како алтернативна. Вид на алтернативна медицина која е благо речено најраспространета би била природната, која се наоѓа во аптеки во форма на таблети и прашоци. На одредени места е доста популарна хомеопатијата, натуропатијата, ароматерапијата и кинеската и ориенталната медицина. Бидејќи акцент за овој текст е можен баланс меѓу модерна медицина и алтернативна, но и често избегнување на модерната медицина на сметка на алтернативната, би спомнала и врачанство и баење како начини на избегнување медицински третман.

Зошто одредени луѓе преферираат алтернативна медицина наспроти модерна медицина?

Моменталните докази не ја поддржуваат ефективноста на одредени алтернативни третмани, но и покрај тоа огромен број на луѓе ја оставаат својата доверба токму тука.
  • Незадоволство од медицина - ова најчесто се случува кога третманот препишан од доктор навидум не функционира. Терапиите не можат да вродат со брз ефект, но за жал ова често обесхрабрува многу пациенти. 
  • Недоверба во докторите - не секој доктор е ист и кога некој би налетал на некои од исклучоците - ја губи довербата во сите. Но, често е и незадоволство од самиот систем кои ги тера да се чувствуваат како бројки.
  • Алтернативната медицина има холистички пристап - и ја гледа индивидуата како „цело“. Ретко се концентрира само на еден проблем туку гледа да работи на човекот како на целина.
  • Чувство дека медицината не може да помогни - во истражување во САД 1998 година, се стигнало до заклучок дека луѓе кои се хронично болни и со лошо здравје имаат поголеми шанси да се освртнат кон алтернативна медицина откако стигаат до заклучок дека нема напредок со примарната медицина.
  • Интерес за спиритуалност - голем дел од алтернативните медицини го нудат овој аспект.
  • Релаксација - алтернативни терапии како медитација, реики и ароматерапија не само што помагаат за релаксација и добро расположение, туку и се препорачуваат во комбинација со примарна терапија.
  • Алтернативната медицина прави да се чувствуваме подобро - ваквиот вид терапија често ни овозможува полесно и подобро да се справиме со ситуацијата затоа што акцентот им е на намалување стрес и релаксација. Многу доктори се заинтересирани за идејата дека позитивните емоции имаат и позитивни дејствија врз здравјето.
  • Намалување на непосакувани ефекти - во комбинација со модерна медицина, алтернативната медицина може значително да ги намали непосакуваните ефекти од примарната терапија. 
  • Имање на контрола - докторите се тие кои носат одлуки за пациентите. На овој начин пациентот има чувство на контрола за своето здравје.

Зошто некои луѓе не веруваат во доктори?

Во случаеви каде целосно се избегнува модерна медицина на сметка на алтернативна медицина е поради недовербата кон доктори. Ова го покрева прашањето: зошто некои луѓе не веруваат во доктори? Кога барам на Гугл, доминиран со информации од САД, преволадува една тема: расизам. Но, кај нас не е баш тоа случајот. 
  • Правење профит - на огромен број доктори на прво место им се пациентите. Но, има мал дел кој даваат лоша слика за останатите. Профитот може да се исполни со промоција и продажба на неефективни продукти или пак директно барање мито за ( подобар) третман. Ова го пишувам како прва причина зошто мислам дека е најчеста, впрочем не познавам семејство кое во најранлив период не било принудено да плати повеќе, или да купи поклон, за да добие нега воопшто или пак за подобра нега. Овој вид на доктори се тие кои се малцинство, но толку се истакнале што оставаат лоша слика за целата професија. Следователно, луѓето не можат да им веруваат.
  • Чувство од страна на пациентите дека се само бројки - пациентите сакаат внимание и разговор и доколку тоа не го добиваат, сметаат дека се само уште една бројка дел од нечија статистика. 
  • Бавен ефект од третман - како и што споменавме претходно, пациентите сакаат брз ефекти, кој ретко е возможен.

Предности и недостатоци на алтернативна медицина

Недостатоци и ризици:
  • одложување операција, зрачење и хемотерапија и генерално одбивање терапија
  • одредени суплементи се опасни па дури и фатални
  • одредени витамини и минерали може да се опасни во големи дози
Предности:
  • помага со блага болка и гадење
  • терапија со уметност и музика промовира здравје и подобар начин на живот
  • масажа намалува стрес, анксиозност, депресија, болка
  • спиритуалност помага за емоционална стабилност при тешки болести

Заклучок

Кога решив да го пишам овој текст, немав намера да демонизирам алтернативна медицина. Да бидам искрена, огромен фан сум на природна суплементација и принципот „подобро е да спречиш, него да лечиш“. Идејата која ја имав од старт, која се докажа како точна додека барав и читав на темава, е дека не треба да се изоставува неопходна примарна терапија, но алтернативната терапија може да биде дополнителна. Накратко, заклучокот е дека некогаш е подобро да се има комбинирана терапија. За да се намалат несакани ефекти, препорачана е консултација со доктор. 

Белешка: За преглед на објавени и идни наслови притисни тука.  

Редеренци ( и прочитај повеќе):

Comments

Popular posts from this blog

Креативно мислење кај децата и надареност

Конфликти: настанување и разрешување

Ментално здравје на деца: препознавање на знаци и заштита