После кратка пауза од блогот, прва тема со која решив да се вратам е „рангирање на болка“. Сигурно ова на сите ви е слушано, а многу често и изустено и тоа целосно добронамерно дали кон себе или кој некој друг. Што мислам тука е намалување на важноста на болката и чувствата на другиот со рангирање на неговата болка, и правење споредба со туѓа ( или своја) болка. Важно е да се знае, сите различно се справуваме со болка, физичка и емоционална. Сите различно реагираме на болка и сите имаме различно ниво на толеранција.
Некогаш се случува да се чувстуваме лошо за оценка, паѓање на испит и тука се јавуваат чувства како „Ама зошто се чувстувам вака? Ова е само оценка“. И безразлика дали е само оценка, стресот кој го осеќаме поради неа е реален и релевантен и остава траг на нашето ментално здравје. Не е помалку важен стрес за да се осеќаме виновно дека го осеќаме. Ова беше од аспект како себеси можиме да си правиме рангирање на болката која ја чувстуваме. Од друга страна, за истата ситуација некој можи да ни речи: „Зошто се нервираш за оценка, барем можиш да студираш, а толку многу врсници има кои не можат тоа да си го дозволат?“. Дали било која од овие реченици ќе направи некоја индивидуа да се чувстува подобро?
Зошто баш решив сега да го пишам овај текст, како отворање на 2021 година, е затоа што 2020 беше „коронашка“ година. Со многу рестрикции, со недоволна дружба, со ограничување на контакт и пред се, социјална изолација. Како луѓе, сме социјални битија. И ваквата дистанца и рестрикции имаат негативен ефект врз нашето ментално здравје. Нешто повеќе за како короната и рестриктивните мерки влијаат врз нас, зборувано е
тука, во првиот текст на блогот.
Но, накратко, ваквите рестрикции имаат одредени влијанија по нашето ментално здравје. Дел од нив би биле:
- страв и грижа за своето здравје и здравјето на најблиските,
- промени во спиењето,
- промени во шемите на исхрана,
- потешкотии во спиење, инсомнија,
- слаба концентрација,
- влошување на менталните проблеми и
- зголемување на користење на алкохол, цигари и дрога.
Исто така ако подолго време сме под одредено ниво на стрес, тоа си го „зема своето“. Покрај моментален, акутен стрес, постои и одложен стрес кој се таложи. Ефектите од одложениот стрес се доста големи и најчесто се причина зошто доаѓа до одредени стресни состојби, навидум, без причина. Така да, оценката од примерот погоре, можи да има доста поголем проблем од „само оценка“ и чувствата кои ги имаме за таа оценка или пак позадинскиот проблем, се целосно валидни.
Рантирањето на болка исто така можи да биди доста болно и индивидуата на која му треба поддршка од најблиските. Болка е болка. Мора да си дозволиме да ја почувстуваме за да можиме да се справиме со неа. Ако не си дозволиме да ја почувстуваме или ја препишиме како недоволно валидна за внимание, тоа во секој случај, во иднина ќе се одрази на нашето целокупно ментално здравје. Секогаш ќе има некој посреќен, и секогаш ќе има некој понесреќен. Но, ефектите од ваквото рангирање се реални и се тука:
- чувство на некомпетентност ( „Како можи сите ова да го прават, а јас не можам? Што не е во ред со мене?“, „Како можи таа таму да се справи со нешто три пати полошо од моето, а јас не можам да се справам со оваа ситница?“ или пак „Види го него како се справува со истата ситуација, што те кочи тебе да го направиш истото?“),
- чувство на вина ради одредена привилегија ( „Тој не можи да си дозволи ништо и е среќен, јас имам се и пак сум несреќна. Со кое право?“ или пак „Те молам, ти имаш се, што можи да ти фали тебе? Ништо не ти фали. Биди среќен за се што имаш.“),
- чувство дека не заслужуваме ова што имаме ( „Не можам да направам пола од работите другите што ги прават. Ништо од ова што имам го заслужувам“ или пак „Татко ти придонесе за се што имаме, ти ништо не правиш, само се жалиш“),
- чувство на вина ради недостаток на благодарност и слични чувства кои најчесто ја влошуваат ситуацијата на тој кој ги добива ваквите компарации ( или пак ги прави самиот) место нели, да се добие посакуваната, сосем спротивна ситуација.
Треба да си најдиме простор и време за да осеќаме болка, тага, анскиозност и слично, или пак било кој друг микс на емоции кои го чувстуваме. Ова не е себично. Ова е добро за личното ментално здравје. Ако ние не сме во добро место, нема да бидиме ни во добро место за другите.
Колку и да сакам текстовите кои ги нудам тука да бидат истражувани, детални, долги, како долгиот, досаден, психолошки и социјален блог кој сум го замислила кога решив да го пишам првиот текст ( fun fact: првиот текст го линкував погоре, текстот за ментално здравје за време на корона), повремено сакам да му дам и некоја почовечна страна. Некои кратки анализи, некогаш дури и лични видувања, без премногу детали туку директно одење на главното сакам да вметнам. Во друга ситуација тука би вметнала детали за одложен стрес и афирмативен јазик за поддршка на пријател кој врви низ тежок период или кој е на терапија, но засега тие се замислени како следни, засебни текстови само за да видам како ќе функционира ова со пократки и подиректни содржини. Во секој случај ќе оставам долу текстови за читање подетално за тие кои ги интересира.
И за крај, прво се надевам дека ви се допаѓа новиот изглед на блогот. Целта ми е да личи на досаден, психолошки блог. И второ, се надевам дека празничниот период ви беше добар и дека го поминавте со луѓе кои прават да се осеќате среќно и исполнето и пред се, се надевам дека новата 2021 година ќе ви ги исполни сите замисли кои ги поставивте за неа, но и желбите кои ги имавте претходната година кои не успеавте да ги исполните.
Белешка: За преглед на објавени и идни наслови притисни тука.
Користена литература:
https://medium.com/@emrtrager/stop-ranking-suffering-cd2287dffb73
https://socialetiquettemk.blogspot.com/2020/05/mentalnoto-zdravje-za-vreme-na-socijalna-distanca.html
https://www.aginglifecarejournal.org/health-effects-of-social-isolation-and-loneliness/
Comments
Post a Comment